30 декември 2007

По патиштата на гревот

Гледам дека многумина се кренаа бунејќи се против острите мерки против дрогата, кои нашите политички лидери сакаат да ги воведат. За жал, силата на безумието звучи попривлечно од пристојноста и чесноста како водилки по патиштата на верата и спасението.

Но не знае само Господ дека силите на поранешната репресија од комунизмот има свои гласници денес, и дека ќе сторат се што можат само да го оддалечат човека од Вистината, своето место блиску до Бога, трезвено и богобојазно. Наместо слово за Бога, тие проповедаат грешен живот, проповедаат дрога.

Користењето на дрога е поматување на умот, бесплатна влезница во пеколните кругови испреплетени со блуд и разврат. А гласноговорниците на поранешната репресија и нивните пријатели, ќе ги носат на своја душа сите изгубени грешници. Тежок е патот назад.

А задача на секој верник е да им помогне на оние што застрануваат од Патот. Затоа, тие не се кодоши туку спасувачи, наоѓајќи сила во своето срце да им помогнат на оние што се заблудени од гревот, што не нашле сила да посегнат внатре и ја најдат божјата воља всадена во нив која ќе им го осветли патот. Не, ние нема да бидеме кодоши, затоа што кодоши се оние кои ќе ги поткажат душите на Нечестивиот, овозможувајќи уживање на дрога. Ние ќе најдеме братство со полицијата за да им помогнеме на зависниците.

Нема коментари: