10 февруари 2009

После постот

Бог ни дава сила да истраеме.

Во молкот се наоѓа најголемата мудрост. Како богобојазен христијанин пред нешто повеќе од година дена решив да заминам на духовен пат. Ги напуштив придобивките на совремието и пеш се упатив во обид да научам нешто повеќе. Зад себе го оставив својот дотогашен живот. Се поздравив со блиските и заминав на долг пат. Тоа што од огништето го понесов беше Библијата. Си дадов завет дека ќе молчам една година а мојата надеж беше дека Бог ќе ме чува, но и дека неговата волја ќе ме води низ искушенија за да станам подобар. Еден од заветите беше дека нема да користам компјутер, а ќе заборавам и на другите овоземски минливи нешта. Моето тело е во служба на мојата душа а мојата душа е од Бога дадена.

Не читав весници, ниту знаев што се случува. Најдолго поминав во една шума околу Берово. Таму најдолго не сретнав друг човек. Но имав време да го читам Новиот Завет. Човек, одделен од секојдневниот живот, а посветен на Господ, лесно увидува колку светот денеска застранил. Ништо веќе не е свето - никој не верува онака како Спасителот посакува, никој не е задоволен со тоа што Господ им го подарил, традицијата не ја цениме, нема веќе глава во семејството. Чинам дека тука почнуваат проблемите. Малото дете, треба да научи да го почитува својот татко, а со тоа се учи како да се почитува хиерархија. Овој свет, иако минлив и неважен е од Бога даден и ние, како богоугодни христијани мораме да се потчиниме на неговата волја.

Се плашам дека ќе биде предоцна, и злите сили на неморалот ќе станат прејаки, тогаш кога повеќето ќе можат да видат дека човештвото е отидено предалеку. Заплеткани во завист и алчност, без вера, луѓето паднати не го гледаат очигледното.

Но Бог ни дава сила да истраеме.