30 декември 2007

По патиштата на гревот

Гледам дека многумина се кренаа бунејќи се против острите мерки против дрогата, кои нашите политички лидери сакаат да ги воведат. За жал, силата на безумието звучи попривлечно од пристојноста и чесноста како водилки по патиштата на верата и спасението.

Но не знае само Господ дека силите на поранешната репресија од комунизмот има свои гласници денес, и дека ќе сторат се што можат само да го оддалечат човека од Вистината, своето место блиску до Бога, трезвено и богобојазно. Наместо слово за Бога, тие проповедаат грешен живот, проповедаат дрога.

Користењето на дрога е поматување на умот, бесплатна влезница во пеколните кругови испреплетени со блуд и разврат. А гласноговорниците на поранешната репресија и нивните пријатели, ќе ги носат на своја душа сите изгубени грешници. Тежок е патот назад.

А задача на секој верник е да им помогне на оние што застрануваат од Патот. Затоа, тие не се кодоши туку спасувачи, наоѓајќи сила во своето срце да им помогнат на оние што се заблудени од гревот, што не нашле сила да посегнат внатре и ја најдат божјата воља всадена во нив која ќе им го осветли патот. Не, ние нема да бидеме кодоши, затоа што кодоши се оние кои ќе ги поткажат душите на Нечестивиот, овозможувајќи уживање на дрога. Ние ќе најдеме братство со полицијата за да им помогнеме на зависниците.

14 декември 2007

Името Македонија

  • Името Македонија е свето име - првото парче земја христијанска на Балканот осветена од Св. Павле;
  • Тоа ги симболизира првите чекори на светите Апостоли во ширењето на Словото низ европа;
  • Тоа е симбол на пробивот на добрината христијанска во Европа, во срцето на Империјата Римска и Империјата Македонска;
  • Тоа е симбол на умешноста човечка да ја препознае Вистината наспроти многубоштвото и да се искористи за да се стане подобар човек, богобојазен и близок на Господа;
  • Името Македонија ја симболизира маката но и истрајноста да се остане христијанин тогаш кога е најтешко, кога е полесно да си кривоверник отколку богоугоден христијанин;
  • Името Македонија значи да се биде прибежиште за сите оние кои зборувајќи ја Вистината, паднале во немилост на силните и од Нечестивиот заведени грешници.

Да се помолиме браќа и сестри ова име да остане вечно, а да им пружиме поддршка на нашите политичари да го истрајат ова лошо време на непристојно искушение на подмолните.

2 декември 2007

Чедоморство од сладострастие

Изминатиот период се разви голема полемика околу абортусот. Убедени, но потајно уплашени од својот животен стил, некои дури посегнаа и по плакатите во градот и ги кинеле во обидот да го докажат тоа што неможе да биде докажано.

Абортусот, како и многу други гревови, денес е последица на живот оддалечен од Бога. Живот во кој човекот е пред се и над се, без љубов и почит кон вистината која лежи длабоко во сечие срце а тоа е вистината за Севишниот. Тоа е акт на чедоморство, акт на себичност и заборавање на верата во Господ и неговата волја за човекот и напатствија како тој треба да го живее овоземскиот даруван живот.

Бог ја обдарил жената како родилка. Но дарението од Бога е должност, внатрешен повик да се служи на волјата Негова а секое однесување спротивно на волјата е грев. И кога задача на жената е да раѓа, како тогаш да го оправдаме абортусот? Зарем на Адама случајно Господ му ја подари Ева, за да во утробата нејзина ги носи поколенијата негови?

Навистина не ми е јасно како т.н. „феминистки“ пробуваат да оправдаат убиство на човечко битие, само поради тоа што жената треба да има избор. Тие забораваат дека во очите на Господ, луѓето немаат избор кога треба да ја спроведат божјата волја. Чума од сладострасни „феминистки“ упорно сака да не убеди дека тоа што го прават не е лошо. И наместо почесто да гледаме богобојазни родилки, чие родение ќе носи нови животи на овој свет, „феминистките“ ги убедуваат младите девојки дека уживањето, сексот и кариерата ги кријат одговорите на животните прашања. Но кога работите ќе тргнат не по нивна желба, тогаш посегаат против нивната, од Бога дадена, природа и го убиваат новиот живот во нив, за да можат да продолжат со нивниот хедонизам, кој е на спротивната страна од вистинскиот Пат истапкан за нив.

Но чудни се патиштата Господови и луѓето кога тогаш ја научуваат лекцијата. Дали ќе биде тоа на полесниот пат, преку верата и љубовта кон Бога, или трпејќи вечна болка во домот на нечестивиот, останува на нас.

2 ноември 2007

Зошто е важно да учиме за Бога?

Целта во животот на секој богобојазен човек е сознанието за Бога и неговата волја. Без ова, човековиот живот е пуст. Ускратени од знаењето за вистинската природа на божественото и Господ, милиони пагани, кривоверци и неверници, од минатото и сегашноста, остануваат да талкаат помеѓу спасението и пропаста, осудени бидејќи немале доволно волја во своето срце да ги побараат одговорите за вистинската спасоносна вера во Бога.

Затоа, многу е важно да се шири словото Господово. Секуларните сили кои владеат во нашето општество се плашат од Вистината, и прават се за да го оддалечат обичниот човек од љубовта на Господа. Тоа се гледа од осудата на воведувањето на веропоуката што е единствен излез од опасностите на денешното живеење. Знаењето за Бога е светилка во мрачниот свет кој не опкружува, а единствена патека за младите да не застранат по патот на Нечестивиот. Неговиот свет на дрога, истополова „љубов“ и секс пред, осветениот од Бога, брак се пат по кој многумина денеска тргнале и само враќање во стадото Господово може да ги спаси од вечна пропаст. Затоа е важна веропоуката, за да на младите им влее надеж и даде смисла на нивното постоење а старите ги врати кон Бога, затоа што со децении беа држени што подалеку од спасението на Крстот и Библијата.